За нас

Средното училиште на Град Скопје “Лазар Танев” е најголемо средно стручно училиште во нашата земја кое образува, воспитува и продуцира кадар за потребите на угостителско-туристичката индустрија на Република Северна Македонија.

Годишно, тука се образуваат околу 500 редовни ученици за: келнер, готвач, слаткар и пекар со тригодишно образование и хотелско-туристички техничар со четиригодишно образование. Во училиштето се образуваат и поголем број ученици со вонредно образување за сите образовни профили поврзани со угостителско-туристичката дејност, како и со специјалистичко образование: готвач-специјалист, слаткар-специјалист и келнер-специјалист.

Имајќи ги во предвид местоположбата, комуникациските врски и природните убавини со кои изобилува Република Северна Македонија, таа се повеќе прераснува во земја која може да пречека голем број домашни и странски туристи. Туристичката индустрија е од врвно значење за нашата земја и е еден од главните приоритети за нејзин социјален, економски и културен развој.

Првиот контакт на странските посетители со земјата е преку кадрите од полето на угостителско-туристичката индустрија, кои на туристите им даваат првични информации за карактеристичните одлики на земјата, за културно-историските споменици, природните убавини, националната кујна и за нејзината гостопримливост.

Од ова произлегува потребата за добро обучени професионалци со широко општо образование и со модерна практична обука. Целокупната воспитно-образовна дејност во училиштето е насочена кон продуцирање кадар кој во целост ќе ги задоволи барањата на современото угостителство и туризам, обезбедувајќи максимално поволни вредности на стручност и прилагодливост на пазарот.

 

МИСИЈА

Основната општествена улога и мисија на училиштето е да образува ученици со квалитетни и доживотни знаења, умеења, вештини и навики како и способности за совладување на современата технологија, да образува стручни кадри оспособени за примена на научните достигнувања во практиката, за творечко и одговорно однесување спрема работата, средината, општеството и спрема самите себе. 

Мисијата на училиштето ќе се движи во насока на воспитување на младите за одговорно лично и општествено живеење според принципите на демократичноста, толерантноста, конструктивноста, трпеливоста, меѓусебното разбирање, иницијативноста, критичноста и способноста.

ВИЗИЈА

Визијата на нашето училиште ќе се базира на компоненти кои произлегуваат од иницијативи, согледувања и договори со сите структури на внатрешното и надворешното окружување. Визијата на нашето училиште ја градиме пред се тимски, поаѓајќи од принципите на припадност и поврзаност на колективот кон остварувањето на заедничката цел на училиштето. 

Поаѓајќи од досегашните резултати постигнати во нашето училиште и моменталната состојба, а благодарение на професионализмот кај наставниот кадар визијата на нашето училиште ја дефинираме како современо, европско, модерно училиште, полно со професионализам, креативност и сигурен развој кон светски најелитните училишта за оспособување на угостителски и туристички кадар, за потребите на пазарот на трудот во Република Северна Македонија и пошироко.

Во градењето на визијата очекуваме развивање на нашето училиште во отворена и современа воспитно образовна организација, која што ќе одговори на потребите на нашите ученици и на потребите на пазарот на трудот.

ПРОСТОРИИ И ОПРЕМА

Училиштето располага со 4600 м2 корисна површина. Воспитно-образовниот процес се одвива во добро уреден екстериер и ентериер, во два објекта: монтажен објект кој работи во една смена и ѕидан дел кој работи во две смени.

Училиштето располага со:

  • 25 кабинети по теоретска настава опремени со голем број технички средства и помагала, кои ја осовременуваат наставата, нагледни средства и помагала, графоскопи, ТВ приемници и видео и ДВД апарати, компјутери, ЛЦД проектори, печатачи, касетофони…
  • 7 кабинети по практична настава опремени со угостителско-хотелиерска опрема, компјутери, софтвер, рекламни материјали…
  • информатички кабинети (за ученици и за наставници)
  • библиотека
  • фискултурна сала
  • канцеларии
  • сали за прием
  • производни работилници
  • спортско игралиште

и се друго што е потребно за едно современо училиште.