Куќен ред

Наставникот создава училишна клима во која секој ученик и вработен се чувствува сигурно, почитувано и пријатно.

Воведна одредба

Определувајќи се за професијата просветен работник наставникот се обврзува:

  • својата професија да ја врши совесно, одговорно и хумано;
  • воспитувањето и образованието на учениците да му претставува највисок императив во професионалното однесување;
  • со сите сили да ја чува честа и благодарните традиции на професијата просветен работник и при вршење на своите должности да не дозволи да прави никакви полови, национални, расни, возрастни разлики, сексуална наклонетост и општествено-економска положба;
  • на своите ученици, нивните родители и своите колеги да им го изразува должното почитување.

 

Наставникот и општеството

  1. Воспитно-образовниот процес е процес на вклопување на младата генерација во актуелната цивилизација преку усвојување на научни откритија и аксиолошки ставови врз кои се темели современото општество.
  2. Наставникот и општествената јавна личност е основен носител на воспитно-образовниот процес.
  3. Како носител на важна и одговорна општествена функција, наставникот е должен низ целиот свој работен век да се залага и да се бори за епистемолошки квалитетен и хумано насочен образовен систем.
  4. Наставникот има право и должност да се залага и да се бори за достоинство на професијата просветен работник, бидејќи само достоинствени личности можат кај своите ученици низ процесот на едукација да развијат почит кон мудроста и стремеж кон доблеста.
  5. Наставникот има право и должност да се залага и да се бори за достојна материјална положба на образовните институции со цел да се обезбеди нивно нормално функционирање, што е прв услов за квалитетно организирање на едукативниот процес.
  6. Наставникот има право и должност да се залага и да се бори за соодветен материјален надомест за неговата работа што ќе му овозможи достоинствено да живее од неговата професија и да се посвети целосно на квалитетното, стручното и одговорното извршување на неговите работни задачи.

 

Наставникот и струката

  1. Секој наставник е стручен за определена област и е застапник на определена наука во училиштето и во пошироката општествена заедница.
  2. Наставникот треба постојано да се залага за општествена афирмација на својот предмет, а тоа ќе го постигне преку:
  • развивање на чувство на радост од новите сознанија кај учениците;
  • предизвикување на почит кон предметот кај колегите;
  • побудување на љубопитност за проблемите што ги поставува неговиот предмет кај граѓаните од пошироката општествена јавност.
  1. Како стручна и општествена јавна личност, наставникот може и треба да го популаризира својот предмет и надвор од училиштето преку учество во јавни трибини, со пишување на статии, стручни трудови, книги и сл.
  2. Наставникот треба да биде свесен дека како врвен во својата струка и просветител директно е одговорен за создавање на интелектуален потенцијал и етичка ориентација на граѓаните и севкупниот свој професионален ангажман да го мобилизира во таа насока.

 

Наставникот и часот

  1. Наставникот е должен да го започне часот на време.
  2. Часот треба редовно да биде евидентиран, како и отсутните ученици.
  3. Часот треба да биде максимално заштитен од соопштенија, разговори кои не се во врска со планираната задача и посети кои би го оневозможувале планираниот тек на времето.
  4. Времето на академското учење мора да биде максимално долго.
  5. Секој час треба да биде добро испланиран и тоа на тој начин што ќе овозможува максимален ангажман на сите ученици и постигнување на максимумот од зацртаната цел до крајот на часот.
  6. Часот треба да се изведува според современата наставна технологија, при што ќе се користат нагледни средства со кои ќе се олеснува учењето.

 

Професионалниот лик на наставникот

  1. Наставникот треба да биде компетентен за работата што ја врши.
  2. Наставникот е должен да ги почитува законските одредби.
  3. Наставникот секогаш и секаде внимава на својот јазик, кој треба да биде литературен, јасен, достапен и достоинствен.
  4. Наставникот треба секогаш да служи за пример со својот изглед и однесување:
  • тој секогаш внимава на својот морален лик;
  • не смее својата работа во образовната дејност да ја користи за лични намени или да ја злоупотреби;
  • не се експонира во јавноста под дејство на алкохол, дрога или во афективна состојба;
  • се однесува според правилата на интелектуалното однесување;
  • гради авторитет и е личност во која може да се има доверба.
  1. Секој наставник е должен професионално да се усовршува преку читање стручна литература, посета на семинари, размена на искуства со колеги и друго.

 

Наставникот  и  ученикот

 

  1. Наставникот е должен да ја почитува личноста на секој ученик.
  2. Наставникот е обврзан професионално и чесно да се однесува кон секој ученик без оглед на возраста, полот, верата, националноста, расата и општествено-економската положба.
  3. Наставникот верува дека секој ученик може да научи и е должен на секој ученик тоа да му го овозможи.
  4. Наставникот не смее да има догматски пристап кон наставните содржини и секогаш да ја поттикнува самостојноста и критичката мисла на ученикот.
  5. Наставникот го учи ученикот како да учи.
  6. Наставникот го оценува само знаењето на ученикот и реално го оценува секој одговор на ученикот, без оглед на претходните оценки.
  7. Наставникот бара ученикот навремено и квалитетно да ги извршува своите задачи и тоа редовно го следи и вреднува.
  8. Наставникот никогаш не го казнува ученикот телесно и не го малтретира психички.
  9. Секој наставник избира слободна (воннаставна) активност во која се смета најинвентивен и преку која ќе им овозможи на учениците да ги задоволат своите интереси и да ги развијат своите таленти.
  10. Наставникот е должен редовно да им помага на учениците кои заостануваат во совладување на наставната материја.
  11. Секој наставник бара од учениците уредно, пристојно и дисциплинирано однесување и на секој вид девијантно однесување во класот или надвор од него веднаш да реагира со укажување.
  12. Наставникот е должен да го сослуша секој ученик кој ќе му се обрати за помош во решавање на лични проблеми, да му помогне или да го упати на стручна помош во или надвор од училиштето.

 

Наставникот и родителот

  1. Наставникот е во постојана комуникација со родителот и е должен:
  • навремено да го повикува;
  • навремено да го известува;
  • да ги почитува неговите аргументи;
  • да бара негова соработка и ангажман во решавање на проблемите;
  • да му ја кажува вистината;
  • да го упатува на помош од компетентни лица кога тој не е во состојба да помогне.

 

Односот меѓу наставниците

  1. Наставникот е должен да го почитува секој свој колега и меѓусебната соработка да се темели врз другарство, искреност, одговорност, разменување и пренесување искуства.
  2. Наставникот е должен да ги цени и почитува стручноста и достоинственоста на секој наставник во комуникација со учениците, родителите и други лица.
  3. Наставникот е должен да биде максимално ангажиран во работата на стручниот актив на кој припаѓа.
  4. Наставникот е должен да биде активен член на наставничкиот совет и со тоа да помага во реализацијата на политиката на училиштето.
  5. Наставникот е должен да ги почитува и да се однесува според одлуките на наставничкиот совет.
  6. Наставникот треба да се однесува кон колегите како што тој сака тие да се однесуваат кон него; односот на почитување обезбедува услови за креативност и конструктивна работа.

 

Наставникот и училиштето

  1. Наставникот е должен да се грижи за целиот училиштен простор и имот, посебно за кабинетот во кој држи настава.
  2. Наставникот треба да прифати дека, додека се наоѓа во училиштето тој е на должност цело време и насекаде.
  3. Наставникот е должен кабинетот во кој изведува настава да го чува и да го направи пријатно катче за работа, препознатлив простор за предметот кој го предава.