Лазар Танев
(1884-1956)Прв претседател на Народноослободителниот одбор на Скопје
Лазар Танев е роден 1. август 1884 година во Скопје, како дете на Ѓошо и Елена Таневи. Израснал во Пајко маало во Скопје. Од најрана младост бил принуден да работи и заработува за многучленото семејство. Уште тогаш размислувал за солидарноста, братството и единството и взаемното разбирање, за љубовта и топлината во односите меѓу луѓето.
На 24 годишна возраст заминува за Солун да бара работа. Таму дошол во допир со социјалистичките идеи, ги прифатил и истите ги ширел меѓу работничката класа. Работел во трговската фирма ЕРЕРА. При отворањето на ЕРЕРА во Скопје 1913 година, Лазар Танев бил поставен за нејзин раководител. Од доаѓањето во Скопје, до крајот на животот, останал верен на социјалистичките идеи и бил секогаш во потесното раководство на скопската организација. Учествувал во обновувањето на скопската социјалистичка партиска организација во почетокот на 1919 година.
Учествувал во изборната кампања во 1920 година. Бил избран за одборник на Црвената скопска општина и работел со забележителни резултати.
Во илегални услови на дејствување, кога било забрането секакво напредно движење, со стапување во сила на Законот за заштита на државата, Лазар Танев останал доследен на работничкото напредно движење и во тоа тешко време за Партијата. Голем број состаноци на раководството на Партијата биле одржувани во неговиот дом. Поради својата илегална активност, која не останала незабележана од будното око на полицијата, заедно со другите активисти бил затворен во почетокот на 1922 година. Благодарејќи на неговото примерно однесување и непризнавање пред истражните органи, по двомесечен затвор бил пуштен на слобода. Истата година од полицијата му била запленета богата библиотека со голема вредност.
Во годините што доаѓаат Танев посебно се ангажирал како синдикален активист, а активно учествувал и во дискусиите за националното прашање, коишто се воделе и во неговиот дом.
Во 1926 година, поради својата илегална активност, полицијата повторно го затвора, но по едномесочна истрага, поради немање докази, го пушта на слобода.
Работејќи како книжар, уште за време на стара Југославија покрај другите активности во Партијата, цело време бил главен снабдувач со материјали за печатење на илегалните органи на Партијата, вклучувајќи го и времето на НОВ и Револуцијата.
Како резултат на таквата активност и авторитетот што го имал во градот, бил избран за прв претседател на Градскиот народноослободителен одбор.
Во 1946 година е избран за претседател на Народниот фронт на град Скопје и за народен пратеник на првото Уставотворно собрание на Македонија, каде станал претседател на мандатно-имунитетниот одбор.
Благодарен и човекољубив по природа, секогаш им помагал на оние на кои им била потребна негова помош.
Богатиот и револуционерен живот на Лазар Танев завршува на 1. јануари 1956 година.
Нашето училиште со гордост го носи неговото име.